Премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посетија градилиштето на Центарот за позитронска емисиона томографија – ПЕТ Центар, кој во изминативе седум месеци интензивно се гради во кругот на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Премиерот истакна дека изградбата на објектот добро напредува и дека истиот ќе биде завршен навреме во планираниот рок кон средината на февруари идната година. „Се работи за прилично специфична градба затоа што во овој центар ќе има дијагностицирање со користење нуклеарен материјал, така што градбата е под целосно водство во смисла на совети, но и надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија“, рече Груевски.
Новата здравствена установа ќе се простира на површина од 2.600 метри квадратни, а за нејзината изградба се издвоени финансии во висина од околу 380 милиони денари, односно речиси 6,2 милиони евра. Покрај градежните работи, во идниот ПЕТ Центар со буџетски средства ќе се инвестира и во современа опрема за радиофармација, радиопротекција и дијагностика. Со неа е предвидено да се врши дијагностицирање и пронаоѓање на секоја малигна клетка во телото, вклучувајќи ги и метастазите. Овој здравствен објект е планирано да го користат и другите соседни земји бидејќи Македонија е првата во регионот која што се одлучи да стапи во реализација на ваков проект.
Изведувач на градежните работи на ПЕТ Центарот е австриската градежна компанија „Штрабаг“. Проектната документација ја изработи „Иванов Инженеринг“, додека градежниот надзор го врши „Евро Консалтинг“.
Визуелизации: