Денеска беше осветен и отворен новиот црковен храм „Св. Јован Крстител“ во скопската општина Аеродром, изграден со донација на градежната компанија „Адора Инженеринг“. Објектот е лоциран на кејот на реката Вардар, до мостот „Тодор Александров“, а изградбата започна во јуни 2012 година. Се работи за петкуполна црква со специфична, древна архитектура. Над главниот влез има мозаик со ликот на Св. Јован Крстител изработен во византиски дух со позлатени камчиња од Венеција и природни камчиња од Македонија. Во црковниот комплекс има и камбанарија висока 18.5 метри, фонтана во облик на крст со три водоскоци, природен камен стар 25 милиони години тежок 15 тони, донесен од рудникот Бучим во Радовиш, а дворот е партерно и хортикултурно уреден со места за одмнор на посетителите.