Министерството за економија во спортската сала „Борис Трајковски“ денеска го организираше јавното извлекување на граѓаните кои поднесоа барање за поврат на дел од вложените средства во сончеви колекторски системи. Со годинешното субвенционирање се опфатени 606 граѓани, за кои од државниот буџет се издвоени финансиски средства во висина од шест милиони денари. Граѓаните што беа извлечени ќе добијат субвенција во износ од 30 отсто од вкупната инвестиција, но не повеќе од 300 евра по домаќинство. Од надлежното министерство информираат дека во периодот од 24 јануари до 31 мај биле поднесени 2.000 барања за добивање субвенции.
Од 2007 година до денес преку овој владин проект им биле доделени субвенции за поставување на сончеви колектори на 2.415 семејства од земјава. Анализите покажуваат дека едно семејство со вградениот сончев колектор може да заштеди 2.400 киловат – часа електрична енергија на годишно ниво, односно околу 13.000 денари.