Градската управа во наредниот период планира да спроведе низа проекти за воведување на електричните автомобили во скопскиот сообраќај. Градоначалникот Коце Трајановски на денешната дебата на тема „Електромобилност – помеѓу желбите и можностите“ говореше за имплементацијата на овие нови превозни средства во македонската метропола. „Прв чекор на Градот Скопје е набавката на електромобили за туристичка понуда и набавката на електрични велосипеди кои ќе бидат дел од системот за изнајмување на истите. За скоро време можам да најавам дека истите ќе бидат ставени во функција на граѓаните на Скопје. Преку европскиот проект Електра се реализира анкета за електромобилноста на градот“, изјави Трајановски.
Градот преку јавното претпријатие „Градски паркинг“ наскоро ќе ги вклучи во функција купените пет електромобили за туристичко разгледување на центаралното градско подрачје. Во овој проект се инвестираа 57.100 евра, а во рамките на истиот е поставен и полнач за овие автомобили кај новата катна гаража спроти седиштето на „Макпетрол“. Градската управа преку проектот за електричен градски транспорт „Ele.C.Tra“ ги реализира и подготвителните активности за воведување на систем за изнајмување на електрични скутери.
Присутните експерти од техничките факултети, претставниците на градската администрација и добавувачите на возила од земјава на денешната дебата разговараа за нормативно уредување на стандардите за воведување на овој иновативен превоз, за создавање на услови за користење на електричните возила во Скопје, но и за постоечката понуда на електрични и хибридни возила на домашниот пазар.