Истражувањето на невладината организација „Плоштад Слобода“ наиде на првите реакции од властите. Градот Скопје преку соопштение денеска реагираше на изнесените тврдења во неодамна презентираната студија. Оттаму велат дека од градската администрација не биле побарани официјални документи, ниту пак истражувањето било доставено на разгледување. На тој начин, тие сметаат дека постои тенденција на политизација на студијата на „Плоштад Слобода“. Како спротивставување на изнесените тврдења, од Градот Скопје нагласуваат дека во последните пет години се засадени околу 60.000 листопадни, зимзелени и грмушести садници, како и 1,5 милиони цвеќиња.
Градската власт укажува дека во податоците за вкупната површина на зеленилото се вклучени и податоци за тревнати површини, а не само за површини насадени со дрва. „Доколку се земе предвид фактот дека тревнатите површини немаат значајна функција на прочистување на воздухот тогаш изготвувачот на студијата доаѓа до спротивност со главната сопствена теза дека се намалуваат природните површини чија функција е и прочистување на воздухот како што се површините под дрва“, се наведува во денешното соопштение на Градот Скопје. Оттаму нагласуваат дека управата на главниот град ќе изготви и Зелен катастар за состојбата на постојното зеленило во македонската метропола.