Третиот по ред Меѓународен саем за транспорт – товарни возила денеска беше отворен на Скопскиот саем. На изложбена површина од 2.500 метри квадратни, во наредните три дена ќе се претстават 12 брендови на товарни и комерцијални возила, компании кои вршат услужни дејности и компании од пратечката индустрија за товарни возила. Посетителите на овогодинешниот саем ќе можат да се запознаат со најновите транспортни возила што го задоволуваат стандардот „еуро 6“, а меѓу познатите марки присутни на саемската манифестација се: Волво, Сканија, Ивеко, МАН, Мерцедес Бенз и ДАФ.
Партнер на 3. Меѓународен саем за транспорт – товарни возила е СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ, најстарата транспортна асоцијација во Република Македонија. Од Скопскиот саем очекуваат дека богатата понуда на товарни и комерцијални возила ќе биде од интерес за транспортно – логистичките компании. Македонскиот главен град за прв пат беше домаќин на Меѓународниот саем за транспорт во октомври 2011 година.