За помалку од една година, нова промена во организирањето на зонското паркирање во Охрид. Локалната самоуправа од градот одлучи да воведе нов електронски систем за организирање и наплата на паркирањето по пат на јавно – приватно партнерство. Ваквиот епилог на приказната за зонското паркирање во Охрид следува по неуспешниот модел за наплата на паркинг од приватна компанија во изминатите неколку години, но и неможноста на Ј.П. „Билјанини извори“ да се справи со неопходната модернизација на системот за наплата во последниве 11 месеци.
Советот на општина Охрид денеска ја усвои одлуката за започнување постапка за пронаоѓање на приватен партнер за електронскиот систем на наплата. Овој чекор следува по изработката на физибилити студија, која покажа дека ваквиот модел на функционирање на зонското паркирање е најпогодна опција. Инсталирањето на автоматскиот начин на плаќање ќе чини околу шест милиони денари. Приватната компанија што ќе се избере на тендер ќе треба да ја постави новата опрема, при што за возврат во наредните пет години ќе добие максимум 25,4% од наплатата. По пет години функционирање, сопственоста на целокупната опрема ќе премине во рацете на јавното претпријатие.
Ј.П. „Билјанини извори“ стартуваше со управување на зонското паркирање во јуни 2013 година. Охридското градско јадро е поделено на две зони, во првата влегуваат улицата „Македонски Просветители“ и кружниот тек во центарот на градот, додека втората зона опфаќа дел од улиците „Партизанска“ и „Кеј Маршал Тито“.