Инвестирањето на државата, приватните компании и општините во зонското паркирање и во затворените паркиралишта доведе до зголемување на бројот на паркинг – места. Македонија во текот на минатата година добила осум нови катни гаражи и уште три покриени гаражи. Заедно со паркиралиштата, бројот на места за паркирање во текот на 2013 година се зголемил за околу 25% во споредба со претходната година. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на паркиралишта и гаражи како објекти за паркирање во текот на 2013 година изнесувал 195, со површина од 551.609 метри квадратни. Вложувањето во овој вид објекти доведе до зголемување на бројот на паркинг – места за речиси 4.000, со што вкупниот капацитет на паркинзите во сите општини во минатата година изнесувал 20.363 места за паркирање.
Најголем процентуален пораст има во делот на катните гаражи. Лани во земјава на располагање на граѓаните им биле ставени 13 катни гаражи, што можеле да примат 3.437 возила. Бројот на покриени гаражи изнесувал 10, со вкупен капацитет од 2.543 места за паркирање. Статистичарите пресметале дека во македонските општини има и 172 паркиралишта, со капацитет од 14.383 места за паркирање. Со истражувањето на Државниот завод за статистика се опфатени деловните субјекти за јавни паркиралишта во Македонија и паркиралиштата на општините.