Градежната компанија „Гранит“ од Скопје бележи намалување на добивката во првите три месеци од годинава. Профитот на овој македонски гигант се намалил за 12% во споредба со првиот квартал во 2013 година. Во неревидираниот и неконсолидиран извештај се наведува дека нето добивката изнесувала 19.302.000 денари, односно околу 310 илјади евра. Главната причина за негативното придвижување се намалените оперативни приходи, првенствено поради намалување на приходите од домашниот пазар. Оперативните приходи во првите три месеци од 2014 година изнесувале 742.963.000 денари, што е за 26% помалку во споредба со истиот период лани. Намалување е забележано и на расходната страна – висината на оперативните расходи е 730.285.000 денари, што претставува намалување од 26%. Позитивен сегмент од работењето на компанијата е порастот на зделките на странските пазари, каде е констатирано зголемување од 7% во споредба со првите три месеци од минатата година.