Кинески „Синохидро“ продолжува со потпишувањето договори за ангажирање на македонски градежни компании во изведбата на двата нови автопати. После „Гранит“ и „Бетон“, во изградбата на современата патна инфраструктура како подизведувач се вклучува и фирмата „Трансмет“ од Скопје. Според информациите што денеска ги објави интернет порталот „Курир“, таа ќе биде ангажирана на втората делница од трасата, која вклучува изведба на 10 мостови и вијадукти. Склучениот договор со „Синохидро“ е во висина од 78,6 милиони евра. Покрај „Трансмет“, во реализацијата на автопатот Кичево – Охрид е вклучен и „Гранит“, кој пред неколку дена соопшти дека за оваа намена потпишала договор во вредност од 99.668.949 евра.
* Постоечкиот магистрален пат Кичево – Охрид
Изградбата на автопатската делница од Кичево до Охрид официјално започна на крајот од февруари годинава. Сложениот проект опфаќа изведба на две коловозни ленти и една помошна лента за застанување во двата правци, во должина од 57 километри. Според зацртаното на хартија во официјалната документација, градежната оператива ќе треба да изведе 22 мостови вијадукти, 7 армирано – бетонски мостови, шест надпатници и 13 подпатници. Најголем предизвик се очекува да биде тунелот „Пресека“, кој ќе биде со должина од 1.990 метри.
Финансиската конструкција на автопатската делница Кичево – Охрид изнесува 374 милиони евра, кои се обезбедени преку подигнатиот кредит од кинеската Ексим банка.