Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони ја одбра градежната компанија „Жикол“ од Струмица за довршување на внатрешната инфраструктура во рамките на слободната економска зона во Кичево. Проектот за изведба на инфраструктурата во оваа индустриска зона започна пред речиси две години, но истиот не е завршен во целост до денешен ден. За негово довршување се одвоени финансиски средства во висина од 77.987.723 денари, односно околу 1,2 милиони евра и предвиден е временски период од 12 месеци. ТИРЗ Кичево е предвидено да се простира на површина од 29,5 хектари. Лоцирана е на влезот од Кичево, во близина на населеното место Србјани.
Според информациите што беа објавени на самиот почеток на изградбата, ТИРЗ Кичево ќе се развива во две фази. Во првата етапа ќе се уредат 13,5 хектари на кои е предвидено да се подигнат девет индустриски капацитети, додека во следната фаза би се дооформиле уште 16 хектари. Индустриската зона ќе биде сообраќајно приклучена на патот Кичево – Македонски брод, а во нејзини рамки ќе се изгради и административен објект во кој ќе се смести Царинскиот терминал.