Најголемиот трговски центар во западна Македонија, тетовскиот „Палма Мол“ (Palma Mall), денеска беше и официјално отворен за посетителите. Објектот се простира на бруто изградена површина од 32.000 метри квадратни и има вкупно 90 локали со површина од 17.000 метри квадратни, распоредени на четири нивоа. Трговскиот центар се состои од голем број локали, меѓу кои бутици од интернационални, регионални и локални брендови, голем салон за бела техника „Палма Трејд“, фаст фуд корнер, ресторан, игротека, 7Д кино и други места за забава на граѓаните. Во негов склоп е функционира и супермаркет на „Рамстор“ со површина од 2.200 метри квадратни.
Новото здание на сите посетители им нуди бесплатен подземен паркинг, кој има капацитет да прими 450 возила. „Палма Мол“ е лоциран на влезот на Тетово од страната на Скопје, во близина на фабриката за медицинска пластика [»мапа]. Со градежниот зафат е извршена надградба на веќе постоечкиот комерцијален објект, кој беше ставен во функција во 2006 година. Проектот го изработи „ДСЦ Дизајн“ од Скопје, а градежните работи ги изведе фирмата „Конструкциони“ од Тетово.
После „Скопје Сити Мол“ со 90.000 метри квадратни и „Веро Центар“ кој има површина од 40.000 метри квадратни, „Палма Мол“ со своите 32.000 метри квадратни е трет по големина помеѓу затворените трговски центри во Македонија.