До крајот на 2015 година во Македонија ќе се воведат пет нови работни позиции во делот на енергетската ефикасност. Домашните градежници ќе се стекнат со знаења од областа на изведба на обвивка на зграда, застаклување, кров, електрична инсталација и вентилација, ладење и греење. Стопанската комора на Македонија на денешната прес – конференција објави дека е започнато спроведувањето на втората фаза од меѓународниот проект „Build up skills“, со кој ќе се реализира тренинг на идните обучувачи кои ќе ги пренесат стекнатите знаења на градежните работници.
Во оваа фаза ќе се развијат материјали и модули за обука на кадар во градежниот сектор во делот на енергетската ефикасност и практичната примена во градби. Целта на проектот е да се добие стручен кадар за изведба на енергетски ефикасни објекти. Во наредниот период ќе се одржат 10 обуки за градежните компании, со обука ќе се стекнат 200 сертифицирани тренери, 1.000 сертифицирани работници кои веќе имаат работно искуство во делот на енергетската ефикасност, а 50 лица од областа на градежништвото ќе бидат обучени на терен.
Од Стопанската комора на Македонија истакнуваат дека причините за реализација на проектот лежат во веќе донесената законска регулатива во однос на ова прашање. „Согласно законските акти, во делот на високоградбата не може да се донесе одобрение за градење ако нема елаборат за градежна физика. Во доследно време, секој објект, особено оние за домување, ќе мора да имаат пасош како доказ дека се енергетски ефикасни. Така ќе можат и да се продаваат“ изјави Марија Петроска од Стопанската комора. Во секторот високоградба за спроведување на мерките за енергетска ефикасност и за обновливите извори на енергија е потребна обука на 9.600 работници во 23 градежни професии.
Втората фаза од овој проект тече паралелно во 20 – тина земји – членки на ЕУ, а од државите во регионот се вклучени единствено Македонија и Хрватска. Конзорциумот за имплементација на проектот е составен од: Стопанската комора на Македонија, Факултетот за електротехника и информациски технологии, Центарот за образование на возрасни, Здружението на бизнис-консултанти „Креација“, Здружението на граѓани „ЦеПроСАРД“ и Факултетот за бизнис економија од Скопје.