Од отпадот од градското зеленило и агроотпадот во Битола ќе се произведува топлинска и електрична енергија. Локалната самоуправа од градот доби финансиски средства во износ од 183.000 евра од ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција. Проектот „Заштита на животната средина преку промоција на биомаса за замена на фосилните горива во постројки за греење и електрична енергија – БИОФОСС“ е финансиран од ЕУ со поддршка од вкупно 538.902 евра. Општина Битола ќе ги вложи финансиските средства во изградба на постројки за изработка на пелети за греење, но и за затоплување на спортската сала „Младост“ од неискористената биомаса.
Проектот треба да почне да се реализира во август годинава и истиот ќе се спроведува во временски период од 15 месеци. Покрај македонската локалната самоуправа, во овој проект од грчка страна учествуваат компанијата „Детепа“ од општина Аминтео и Технолошкиот образовен институт од Кожани. Во проектот за искористување на биомасата во производство на енергија ќе биде вклучено и едно основно училиште од Лехово, Грција.