Македонските еколошки организации се здружија во напорите за запирање на уништувањето на Националниот парк „Маврово“ под налетот на плановите за изградба два енергетски објекта на неговата територија. На веб – страницата „Rainforest Rescue“ е објавена меѓународна електронска петиција за спас на Маврово, како еден од најстарите национални паркови во Европа. Петицијата е упатена директно до македонскиот премиер Никола Груевски, директорот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и директорот на Светската банка за Југоисточна Европа, од кои се бара откажување од реализација на проектите „Бошков мост“ и „Луково поле“ и стопирање на финансирањето на овие енергетски капацитети. За само пет дена на петицијата се имаат потпишано повеќе од 12.000 лица од земјава и од странство.
Со ставот на македонските екологисти се согласни и нивните партнери од европските земји. „Овие проекти не се само закана за уништување на националниот парк, туку тие ја поткопуваат самата идеја на националните паркови како целина“, истакнува Gabriel Schwaderer, извршен директор на фондацијата Euronatur. Според мислењата на екологистите, изградбата на двата енергетски капацитети ќе се одвива во средишниот дел на Националниот парк „Маврово“, што ќе го оневозможи природното движење на балканскиот рис и ќе доведе до негово исчезнување. ЕБОР и Светската банка планираат да ги кредитираат проектите со 135 милиони евра