Општина Центар потпиша договор со фирмата „Изградба комерц“ од Скопје за изведба на боемската улица во Дебар Маало, со планирана површина од 1.800 метри квадратни. Постоечката улица Ѓорѓи Пешков спроти фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк ќе прерасне во пешачка зона и простор во кој околните угостителски објекти ќе можат да постават летни тераси. Од локалниот буџет за оваа намена се издвоени финансиски средства во износ од 28 милиони денари или околу 455 илјади евра. Пропишаниот рок за изведба на проектот изнесува 12 месеци, но од општина Центар се надеваат дека севкупните работи ќе завршат пред почетокот на Светското првенство во фудбал во Бразил, пишува „Дневник“.
Проектот за реализација на Боемската улица подразбира целосна реконструкција на улицата и нејзино хортикултурно уредување. На просторот ќе се постават природни гранитни коцки во три бои, ќе се засадат нови дрвја и цвеќе во жардиниерите. Улицата Ѓорѓи Пешков ќе прерасне во пешачка зона на која ќе биде оневозможен пристап на возила, освен за станарите и компаниите што живеат и работат во објектите лоцирани долж неа.