Министерството за култура потпиша договор со австриската компанија „Штрабаг АГ“ за изведување на градежни, градежно – занаетчиски, ентериерни и инсталатерски работи на новиот објект на Македонската филхармонија кој се гради во центарот на Скопје [»мапа]. За целосно ентериерно уредување со мебел, инвентар и неопходна опрема за концертната сала од државниот буџет ќе се издвојат 1.666.632.000 денари или околу 27 милиони евра. Заедно со неодамна склучената зделка со скопски „Гранит“ за довршување на градежниот дел од работите на објектот, вкупната цена на овој проект досега достигна 39,8 милиони евра. „Штрабаг“ ќе треба да ги комплетира зацртаните активности во временски период од 16 месеци.
Изградбата на објектот на Македонската филхармонија е прекината од јуни минатата година, кога изведувачот на работите – австриската фирма „Алпине Бау“ прогласи банкрот и не беше во можност да ги доврши преземените обврски. Културното здание почна да се гради во март 2009 година, а крајните рокови за нејзино завршување се одамна изминати. Идејното решение за овој објект го изработи архитектот Виктор Михајлов, а бирото „Македонија проект“ го изготви основниот и главниот проект.