Изградбата на подземната сообраќајница позади трговскиот центар „Рамстор“ во Скопје доцни една година. Иако првичните очекувања на градските власти беа дека градежните активности ќе почнат до март 2013 година, на терен ништо не навестува дека работите ќе мрднат од мртва точка. На овој простор што е една од најзначајните неоформени урбани зони во главниот град, остануваат да лежат остатоците од некогашните објекти, а сообраќајот на надземната улица се одвива без прекин. Турската компанија „Лимак“ ја нема стартувано изведбата на подземната делница од Јужниот булевар во должина од 800 метри, иако истата ќе треба да почне да се гради пред подигањето на планираните објекти за колективно домување, хотели, трговски и деловни центри на атрактивната локација.
* Сè уште ништо не се гради позади Старата железничка станица, фото: архива на „Билд“
Според пишувањето на денешното издание на „Утрински весник“, турската компанија во моментов работи на архитектонско – урбанистичкиот проект, а реализацијата на целиот проект е во фаза на претпостапка. Од Градот Скопје за весникот истакнуваат дека не е прекршен ниту еден услов од договорот и дека завршувањето на оваа фаза не е временски лимитирано. Врз основа на овој документ ќе се изготви основниот и изведбениот проект. Ископот за идниот булевар ќе се прави на длабочина од шест метри, со цел да се реализира сообраќајницата со по три коловозни ленти во секој правец.
Договорот за изведба на подземната делница меѓу Градот Скопје и турски „Лимак“ се потпиша на средината од март 2012 година, а на него му претходеше купувањето на градежната парцела со површина од 31.929 метри квадратни, која се наоѓа врз трасата на булеварот. Турците за локацијата платија околу 3,3 милиони евра, односно 6.300 денари за метар квадратен.