Македонски железници – Инфраструктура со обемна програма за работа на проектите за натамошен развој на паневропските Коридори 8 и 10. Реконструкција на делницата Куманово – Бељаковци, довршување на ремонтот на пругата Ногаевци – Неготино, старт на долгонајавуваната санација на железничката станица во Скопје и на уште 10 други долж Коридорот 10 и рехабилитација на пругата Битола – Кременица се конкретните градежни зафати што треба да почнат да се спроведуваат или пак да се завршат до крајот на годинава. Реконструкцијата на пругата до Бељаковце во должина од 30,8 километри е најголемиот проект, кој веќе стартуваше со изведба и треба да се комплетира најдоцна до септември 2016 година. За овој зафат е ангажирана германската компанија „Вибе“.
Паралелно со германците, во моментов на обнова на македонската железничка инфраструктура работи и бугарската компанија „ЦК-13 Холдинг ЈСЦ“, која рехабилитацијата на пругата од Ногаевци до Неготино во должина од 31 километри треба да ја заврши до крајот на годинава. Во програмата на МЖ – Инфраструктура е наведено дека ремонтот на пругата од Битола до границата со Грција ќе почне во октомври, за што во текот на овој месец треба да се распише тендер за избор на изведувач. Првиот воз кон Грција е планирано да тргне во март 2016 година.
Истовремено, компанијата ќе работи и на санација на железничките станици во земјава. Скопската железничка станица ќе се реконструира во периодот од април 2014 до март 2015 година – проект вреден 2,9 милиони евра. Обновата на станиците во Велес, Прилеп, Битола, Неготино, Демир Капија, Гевгелија, Табановци, Чашка, Богомила и Градско треба да започне во октомври 2014 година и целиот проект да се заврши во рок од седум месеци. Тендерот за избор на градежна компанија за овој зафат ќе биде објавен во текот на овој месец.
Покрај конкретните изведбени активности, државната железница годинава ќе ја изготвува документацијата за неколку други крупни проекти. Австриската фирма „Обермаер“ ќе продолжи со изработката на основниот проект за пругата Бељаковци – Крива Паланка, кој треба да биде готов до август 2015 година. Најдоцна до јули треба да се избере консултант што ќе го подготви основниот проект за пругата од Кичево до албанскиот град Лин, документ што треба да се комплетира до крајот на 2016 година. Во текот на мај годинава ќе биде објавен и огласот за избор на консултанска куќа што ќе го изработи основниот проект за пругата од Крива Паланка до бугарската граница.
Македонски железници – Инфраструктура има планови за изготвување на реконструкција и рехабилитација на железничките делници од Ѓорче Петров до Кичево и од Велес до Битола, за кои во текот на оваа година ќе се публикуваат одделни тендери преку кои ќе се повикаат на учество компаниите заинтересирани за подготвување на физибилити студија, идеен проект, основен проект, тендерско досие и студија за влијание на животната средина. Паралелно со работењето на овие проекти, до јули 2014 година треба да биде готова идентична документација и за пругата Куманово – Дељадровци. По ова, државата ќе треба да побара финансиски средства од европските фондови за рехабилитација на оваа делница, во пакет со трасата од Драчево до Велес.