По Скопје и Пробиштип, и во Прилеп се најавува изградба на аква – парк за рекреација на граѓаните во текот на летните месеци. Општината денеска ја обелодени идејата за изградба на ваков комплекс што ќе се простира на површина од 4.500 метри квадратни. Според проектот изработен од прилепското Јавно претпријатие за просторни и урбанистички планови, аква – паркот на граѓаните ќе им понуди тобогани, лизгалки, базен за деца, базен за возрасни, шанкови во вода, лежалки, стејџ, административна зграда, ресторан, кафе – барови, како и санитарни јазли, туш кабини, соблекувални и простор за прва помош. Рекреативниот центар ќе поседува систем за филтрација на водата и стандардизирани машински скали. Во склоп на комплексот ќе работи посебна редарска служба и специјален тим за давање прва помош на посетителите.
Освен замислата и визуелизациите, локалната самоуправа од Прилеп засега не обелоденува кога ќе започне изградбата и колкави финансии се потребни за реализација на проектот.