По добивањето на Големата награда за архитектура за 2013 година на манифестацијата „АСК“, катната гаража спроти седиштето на „Макпетрол“ во центарот на Скопје [»мапа] е номинирана за меѓународната архитектонска награда „Архитизер А+“. Проектот на македонските архитекти Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Саша Тасиќ, Александар Радевски, Никола Стрезовски и Дамјан Момировски, со иновативна фасада која е дело на Милан Мијалковиќ во соработка со виенското биро „ППАГ Архитекти“ е номиниран во категоријата објекти за паркирање на веб страницата awards.architizer.com, која е една од преку 60-те категории составени од стотици зданија и дизајни што ќе се натпреваруваат за врвната архитектонска награда, под покровителство на „Архитизер“ и познатиот весник „Вол Стрит журнал“.
извор: Град Скопје
Покрај гаражниот објект од македонската метропола, во оваа категорија ќе се натпреваруваат уште четири катни гаражи изградени во Мулграбен – Австрија, Остин – САД, Сиднеј – Австралија и Тајпеј – Тајван. За избор на најдоброто архитектонско дело, на веб страницата „Архитизер“ е овозможено интернет – гласање на секој поединец за секоја од категориите во периодот до 21 март. Покрај гласот на граѓаните, финалната одлука при изборот на најдобрите ќе го изврши меѓународно жири составено од 200 архитекти.