После неколку пробиени рокови, привршува изградбата на карабината за новиот објект на Народниот театар Јордан Хаџиконстантинов – Џинот во Велес. Наскоро треба да започне монтирањето на сценската техника, процес кој се најавува дека ќе биде завршен до крајот на годината, по што ќе се премине и на финално ентериерно и партерно уредување. Камен темелник за новиот театар беше поставен на 22.05.2008, а според последните информации негово отварање се планира на почетокот на 2011, со што лошите услови во постојната руинирана зграда ќе станат минато за велешките театарски работници.
Објектот зафаќа површина од 3.800 метри квадратни и ќе има две сали – големата со капацитет за околу 400 гледачи, а малата со капацитет за околу 100 гледачи. Исто така дел од објектот ќе биде луксузно фоаје, работилница и административен простор. Во новиот театар ќе има услови и за изведба на оперски и балетски претстави. Идејното решение го изработија архитектите Илија и Моника Стојчевски и Билјана Христова, а изведувач на градежните работи е тетовската фирма Еуро Проект. Вредноста на проектот изнесува околу 5 милиони евра, средства кои ги инвестира државата преку Министерството за култура.
Форумска дискусија за овој проект » овде