Претходна статија
БЛИЦ ВЕСТ: Расчистување на теренот за катна гаража на Јужен Булевар
Следна статија
Следува поставување на сценска техника во новиот театар во Велес

Тунелот „под Кале“ внесен во ДУП

Објавено на 08.05.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Советот на Општина Центар на својата 23-ра седница ја усвои нацрт-верзијата на деталениот урбанистички план „Тетовска трошарина“. Просторот со големина од 5,8 хектари е ограничен со улицата Самоилова, француските гробишта, амбасадата на САД, улицата Лазар Личеноски и оската на идниот тунел „под Кале“. На овој простор се вцртани пет маркички за дипломатски претставништва или јавни институции, локални сообраќајници и голема површина под зеленило. Освен некогашното турбе кое ќе биде соодветно третирано, на локалитетот нема индикации за постоење на позначајни археолошки остатоци. Планот го изработи ИНПУМА.


ДУП Тетовска ТрошаринаНајзначајен објект во новиот ДУП е предвидениот тунел во јавноста познат како тунелот „под Кале“, кој всушност треба да минува помеѓу француските гробишта и Музејот на современата уметност. Се работи за едноцевен тунел чија должина ќе биде 180 метри и ќе има 4 сообраќајни ленти. Тунелот е дел од идната оска на булеварите Св. Климент Охридски и Македонско-Косовска Бригада, која треба да е втора директна врска на централното градско подрачје со северните делови на градот. Според урбанистичките планови, булеварот Св. Климент Охридски кај владата треба да се продолжи и да го премости Вардар, да влегува во тунел на околу 7 метри над улицата Лазар Личеноски и после излезот од тунелот со клучка да се поврзе со булеварите Македонско-Косовска Бригада и Никола Карев (кој е дел од Северниот Булевар, еден од трите планирани урбани автопати во Скопје). Град Скопје минатата година распиша оглас за консултант за изградба на тунелот и целата сообраќајница по пат на концесија, но одтогаш нема нови информации на оваа тема.


Освен нацрт ДУП-от „Тетовска трошарина“, советниците на Центар на истата седница усвоија уште два нацрт урбанистички планови – ДУП „Спортско рекреативен центар Кале УБ 1“ и ДУП „Судска палата“.