Проблемот со загадувањето на главниот град од оџаците на скопската железарница ќе се реши до октомври годинава. Компанијата „Макстил“ денеска го претстави планот за исполнување на еколошките стандарди, во функција на обезбедување на неопходната „А“ интегрирана еколошка дозвола. Во изведбата на системот за отпрашување ќе се инвестираат 10 милиони евра. Проектот треба да започне на почетокот од март и да се заврши во рок од осум месеци. Со надградбата и комплетирањето на постројката за третман на гасови ќе се зголеми нејзиниот капацитет од постоечките 163.000 на 1.800.000 илјади метри кубни на час. Опремата за овој систем е набавена од италијанската компанија СТГ.
Паралелно со градежните активности за реализација на проектот, железарницата ќе продолжи непречено да работи. И покрај цврстите најави од македонската влада дека остварувањето на обврските од Законот за заштита на животната средина треба да заврши до 1 април годинава, министерот за животна средина Абдулаќим Адеми денеска излезе со поблаг став дека исполнувањето на задачите на компаниите останува, при што за дел од нив е можно да се пролонгираат роковите. „Поединечно ќе се разгледуваат сите барања, а дополнително време ќе добијат само оние кои го почнале процесот и кои се со јасна намера да инвестираат“, извести министерот Адеми.