Претходна статија
Се бара идејно решение за „Етно село Пирго“
Следна статија
Пропадна тендерот за доградба на општинската зграда на Карпош

Државата ќе ја финансира инфраструктурата на населбата Сончев град

Објавено на 24.02.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Покрај изградбата на спорниот регионален пат на падините на Водно, државата ќе инвестира и во изведба на водоснабдителна и фекална канализација за идната елитна населба Сончев град. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес – конференција информираше дека за реализација на двата проекти ќе се издвојат 566.007.218 денари или околу 9,2 милиони евра од државните буџети за 2015, 2016 и 2017 година. И покрај противењата на локалните жители од Патишка река, со зафатот е предвидено да се изгради магистрален цевковод со должина од 22 километри, филтер – станица и пристапен пат до истата. Со системот ќе се зафатат водите од Патишка река, со цел да се реши водоснабдувањето за идните жители на населбата Сончев град, но и на останатото население од општина Сопиште.

 

* Пробивање на патот кон населбата Сончев град

 

 

Со вториот проект е планирано да се изгради фекална канализација за одведување на отпадните води од планираната луксузна населба и од населените места во Сопиште кон постоечката канализациска мрежа во општина Кисела Вода и општина Аеродром. Првата делница со должина од околу 3,8 километри ќе се гради од населбата Сопиште до крстосницата со булеварот „Србија“ и улицата „Борис Трајковски“. Втората ќе почнува од Сопиште преку регионалниот пат Р302 кон постоечкиот колектор во населбата Горно Лисиче.

 

Во меѓувреме, продолжува изградбата на регионалниот пат кон населбата Сончев град. Министерот Јанакиески денеска вети дека нема да се уништуваат нови делови од парк – шумата Водно во функција на завршување на делницата во должина од 4,4 километри. За проектот што го привлече вниманието на македонските екологисти се издвоени финансиски средства во висина од 6,7 милиони евра од државниот буџет. Турскиот „Џеваир Холдинг“ во моментов работи на обезбедување градежните дозволи за изградба на Сончев град, процес што треба да биде комплетиран во текот на наредните недели. Како инвеститори во проектот, тие во декември 2012 година го купија земјиштето со површина од 83,56 хектари за околу 1,8 милиони евра.