Најдоцна до 2018 година од Скопје до Штип со автомобил ќе се патува околу половина час по современ автопат. Во присуство на македонскиот премиер Никола Груевски, кинескиот амбасадор Цуи Џивеи, неколку министри и пратеници, денеска беше означен почетокот на изведбените активности на автопатската делница од Миладиновци до Штип кај штипската населба Три Чешми. Свечениот старт на остварувањето на проектот доаѓа само неколку месеци по потпишувањето на договорот за подигање заем од кинеската Ексим банка и ноемвриското потпишување на договорот со кинеската компанија „Синохидро Корпорација“. Предвидена е изградба на автопат со должина од 47 километри и широчина од 27,4 метри. Зацртаната траса вклучува по две коловозни ленти со широчина од 10,7 метри, по една помошна лента за застанување за секој правец, како и средишен зелен појас со широчина од шест метри.
Идната автопатска делница ќе се состои од седум клучки за влез и излез кон поголемите населени места, осум надпатници, пет подпатници, армиран бетонски мост долг 154 метри и пет вијадукти со вкупна должина од 718 метри. Финансиската конструкција на овој значаен проект изнесува 206 милиони евра, обезбедени преку кредит, со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и два проценти камата. „Согласно договорот на оваа делница градежните работи кои ќе ги изведуваат македонските компании е минимум 49 проценти, а вкупниот број на македонски градежни работници што ќе се ангажираат од страна на изведувачите и подизведувачите е најмалку 51 процент од вкупниот број“, истакна премиерот Никола Груевски.
Главен изведувач на градежните работи е кинеската компанија „Синохидро Корпорација“. Проектот за автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип го изработи компанијата „Простор“ од Куманово, а со стручна помош се вклучија и Градежниот факултет од Скопје и ИЗИИС.