Владата размислува да му подари градежно земјиште од скопската касарна „Илинден“ на Државниот универзитет во Тетово, јавува телевизија „Алсат“. Станува збор за површина од 25.000 метри квадратни на која би се изградил универзитетски кампус на оваа високообразовна установа. Според зборовите на вицепремиерот Муса Џафери, проектната документација за идните образовни објекти би се изготвила во текот на претстојното лето, за да се задоволат барањата за дополнителен простор. „Ги направивме сите прелиминарни подготовки како овој простор да се стави на располагање на локалните власти и на општина Чаир и на општина Карпош за да можат да ги преземат своите обврски“, истакнува за „Алсат“ министерот за одбрана Талат Џафери.
Постапката за промена на урбанистичкиот план веќе е одобрена од Општина Чаир, а процесот треба да заврши до мај. Во рамките на касарната „Илинден“ е предвидено земјиште со површина од 95 хектари за изградба на станбени згради, трговски центри, деловни објекти, семејни куќи, образовни установи, болници и амбасади. Засега нема појаснувања за тоа кој дел од урбанистичкиот план за оваа локација ќе се менува и дали е можно да пропадне планираната изградба на станови за припадниците на македонска армија. Освен проектот на Министерството за одбрана за изградба на 1.400 станбени единици за армијата, досега ниту еден приватен субјект не пројави интерес за да инвестира во кругот на скопската касарна.