Претходна статија
Се работи на изготвување на документацијата за градските четврти
Следна статија
Понудата ита напред, побарувачката на пазарот на недвижности истоштено ја следи

Градските советници го утврдија барокниот изглед на 15 згради од центарот на Скопје

Објавено на 19.02.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје и Општина Центар влегоа во војна за тоа како ќе изгледа централното градско подрачје во иднина. Советот на Град Скопје денеска ја изгласа одлуката за утврдување на изгледот на фасадите на објекти што се дел од ДУП „Мал Ринг“, додека градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски до Уставниот суд поднесе иницијатива за преиспитување на два члена од неодамна донесените измени и дополнувања на Законот за градење од страна на македонскиот парламент. Со сопствени реакции во насока на спротивставување и поддршка на оваа актуелна тема се огласија и од најголемите политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

 

Идејното решение за фасадата на објектот „Пелагонија“Во согласност со Програмата за реконструкција и доградба на објекти во централното подрачје, градските советници најпрвин го потврдија новиот барокен изглед на 15 деловни и станбени објекти на улиците „Никола Вапцаров“, „Димитрија Чуповски“, централната пешачка зона „Македонија“, деловниот објект „Метропол“ на плоштадот „Македонија“ и зданието на некогашна „Пелагонија“ на плоштадот „Пела“ во строгиот центар на Скопје. Станува збор за проектна документација која што веќе е изработена од фирмите „Проинг“ од Битола, „Инком Инженеринг“ од Скопје, „Архитектоника“ од Скопје и од „Градежен институт Македонија“. Мнозинството од Советот на Град Скопје не го прифати предлогот на опозициската СДСМ за јавна расправа со Асоцијацијата на архитекти во насока на добивање професионално мислење дали овие објекти се од значење за главниот град.

 

Речиси истовремено, на друга локација во центарот на градот се дискутираше на идентична тема. Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски до Уставниот суд ја поднесе иницијативата на оваа општина за преиспитување на два члена од измените и дополнувањата на Законот за градење. „Измените се донесени со единствена цел – на Општина Центар да и се одземе надлежноста за издавање на одобренија за градење, надградба и реконструкција на објекти, што досега беше во нејзина надлежност, а сега се префрлува на Град Скопје“, истакна градоначалникот Жерновски. Тој додаде дека уште позагрижувачки е Градот Скопје ретроактивно да ги легализира сите незаконски поставени скулптури на територијата на оваа општина.

 

Професионалната фела преку Асоцијацијата на архитекти на Македонија пред неколку недели се спротистави на донесените измени и дополнувања на Законот за градење, тврдејќи дека со нив се врши директно непочитување на стручноста на архитектите.