Во Крива Паланка денеска беше поставен камен темелник за изградба на минор коритото на Крива Река, проект со кој ќе биде регулиран текот на водите на оваа река низ градот во должина од 500 метри. Вкупната цена на градежниот зафат изнесува 499.987 евра, додека рокот за негова изведба истекува на крајот од 2014 година. Финансиските средства за реализација на проектот се обезбедени преку ИПА програмата на Европската унија за прекугранична соработка на општините Дупница и Крива Паланка. Со изградбата на минор коритото на Крива Река граѓаните ќе се заштитат од евентуални поплави, а воедно ќе се уреди досега запуштениот простор во градското подрачје.
Денешното започнување на градежните активности претставува прва фаза од остварувањето на овој проект. Според идејата на локалните власти од Крива Паланка, предвидена е доградба на дополнителни 450 метри од речното корито. За оваа етапа веќе е поднесена апликација за дополнителни финансиски средства преку повикот за прекугранична соработка со Република Косово.