Локалните самоуправи во соработка со Градот Скопје периодов работат на изработка на неопходната документација за поделба на главниот град на 162 градски четврти, односно квартови. Досега се објавени седум предлог – урбанистички планови за четвртите, додека останатата документација е предвидено постепено да се објавува во наредниот период. Краен рок за нејзино изготвување засега не се соопштува. Токму процедурата за изработка на планската документација и документациската основа е најголемиот предизвик со кој ќе се соочат скопските општини, бидејќи тие треба да изработат урбанистички план за секоја четврт.
Во согласност со изгласаниот Генерален урбанистички план за Градот Скопје за периодот 2012 – 2022 година, територијата на македонската метропола е поделена на 11 градски зони и 162 квартови. Секој од градските квартови ќе бидат составени од блокови со површина од 10 до 30 хектари. Квартовите е дефинирано да бидат во надлежност на постоечките општини, а целта на нивното воведување е поголема слобода и подетално планирање на просторот во функција на натамошен развој на главниот град.