Најдоцна до март годинава треба да биде поставен камен темелник на новата детска градинка „Кочо Рацин“ во скопската населба Капиштец, која ќе се гради на местото на постоечките дотраени бараки на градинката, помеѓу улиците „Козара“ и „Васил Ѓоргов“. Објектот ќе се простира на површина од 2.200 метри квадратни и ќе се состои од осум занимални, три јасли, централна кујна, амфитеатар и свечена сала. Во него е планирано да се згрижат 270 деца.
За реализација на проектот Општина Центар потпиша договор со градежната компанија „Гранит“ од Скопје. Вредноста на договорот е 95.027.336 денари без вклучен ДДВ, а финансиите се обезбедени од буџетот на Општината. Оперативата на „Гранит“ треба да ги заврши градежните работи во рок од седум месеци.