Годината зад нас била бериќетна за македонските градежни компании, барем што се однесува до нивната активност на странските пазари. Според податоците на Државниот завод за статистика, градежната оператива од земјава лани извршила градежни работи во странство во вредност од 1.997.546.000 денари, што е за 119,3% повеќе во споредба со периодот јануари – декември 2012 година. Паралелно со зголемената реализација на проекти надвор од Македонија, градежните компании склучиле нови договори со речиси идентична вредност како во 2012 година. Вкупната вредност на договорените градежни работи во странство лани изнесувала 5.207.960.000 денари, што е за 0,7% помалку во однос на истиот период од претходната година.
Зголемен обем на извршените градежни активности во текот на минатата година е забележан во Франција, Холандија, Србија и Германија, додека на останатите пазари е констатиран намален обем. Како нови пазари за македонската градежна оператива се јавуваат Индија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Словенија и Либија. Поединечно земено, најобемни градителски проекти се реализирале во Босна и Херцеговина, додека во статистичкиот извештај како земја со најголем процентуален раст на договорените и извршените градежни работи од 2.040% е наведена Србија.
Економската состојба подобра, финансиската состојба на градежните компании полоша
Раководителите на деловните субјекти од македонскиот градежен сектор како поповолна ја оценија економската состојба во четвртото тримесечје во споредба со претходното тримесечје од 2013 година, исто како и во однос на периодот октомври – декември 2012 година. Сепак, менаџерите од овој сектор сметаат дека финансиската состојба на нивните компании во последните три месеци од минатата година била понеповолна во однос на претходниот квартал од 2013 година, идентично како и во споредба со перидот октомври – декември 2012 година.
Очекувањата за бројот на вработени во наредниот период се понеповолни, оценката за сегашната состојба со порачки е понеповолна, додека бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата е над нормалата. Раководителите на градежните фирми сметаат дека продажните цени ќе се намалат. Најголемо влијание на ограничувањето за подобрување на сегашната градежна активност имаат следните фактори: конкуренција во сопствениот сектор со 15%, немање на побарувачка со 14,2%, зголемени трошоци за материјали со 13,7% и зголемени финансиски трошоци (камати) со 12,3%.