Контролите на енергетските карактеристики на зградите во иднина ќе ги извршуваат обучени и лиценцирани професионалци. Агенцијата за енергетика ја објави листата на петте правни лица што се овластени за да ги спроведуваат обуките и испитите за енергетските контролори. Машинскиот факултет од Скопје, Техничкиот факултет од Битола, Здружението МАЦЕФ – Центар за енергетска ефикасност на Македонија од Скопје, Здружението Центар за промоција на оддржливи земјоделски практики и рурален развој ЦеПроСАРД од Скопје и Геинг Кребс унд Кифер Интернешнл од Скопје се субјектите што ќе го подготват стручниот кадар за оваа нова професија во земјава.
Првите обуки за адекватно извршување на дејноста ќе бидат одржани претстојниве месеци, со цел Македонија да добие кадар што ќе ја реализира контролата на имплементацијата на мерките за енергетска ефикасност. Без изготвен елаборат за енергетска ефикасност, македонските компании и граѓаните во иднина нема да можат да почнат со градба на некој објект. На крајот од реализацијата на зафатот, инвеститорите ќе бидат должни да обезбедат енергетски пасош за новоизградениот или реконструираниот објект. Без овој документ, тие нема да можат да го пуштат во употреба објектот или пак да продаваат стан на пазарот на недвижности.
Со најновите измени на Агенцијата за енергетика, се зголеми бројот на правни лица што ќе ги вршат обуките на енергетските контролори. Во согласност со првичната одлука од крајот на јануари, единствено Машинскиот факултет од Скопје и Техничкиот факултет од Битола ја имаа дозволата за реализација на оваа образовна активност.