Претходна статија
Се бара инвеститор за најавениот ски - центар на Водно
Следна статија
Обновата на конаците во манастирот „Трескавец“ ќе чини околу 1,2 милиони евра

Нови индустриски зони ќе се градат во Берово, Делчево и Виница

Објавено на 04.02.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони деновиве публикуваше три огласи за избор на компании што ќе треба да ја изработат за комплетната проектна документација за технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) во Берово, Делчево и Виница. Понудите треба да се достават до крајот на февруари, по што ќе следува период од осум месеци за изготвување на документите за уредување на одбраните локации во и околу идните индустриски зони.

 

Локациите во кои треба да се инвестира во инфраструктурата за привлекување на странски инвеститори веќе се познати. Индустриската зона во Берово ќе се гради покрај магистралниот пат кон Пехчево, во Делчево е предвидено да се подигне во местото Милково брдо, додека онаа што е зацртана во Виница ќе се гради во месноста Поповец, покрај патот за Штип. Според досега изработените документи од локалните самоуправи, овие зони ќе се простираат на помали површини од оние што веќе почнаа да функционираат или се дадоа под концесија во Тетово, Штип и двете во Скопје.

 

Во изминативе месеци започна изградбата на ТИРЗ Тетово, ТИРЗ Струмица и ТИРЗ Гевгелија, при што активно се работеше и на изготвување на проектната документација за идната зона во Радовиш. Според плановите на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, инфраструктурно средени локации за привлекување странски инвеститори во наредниот период ќе добијат и локалните самоуправи од Прилеп, Кичево, Ранковце и Струга.