До пред неколку години поврзан со редовен товарен и патнички сообраќај, денеска Демир Хисар е железнички отсечен од остатокот на светот. Пругата изградена со намера за поврзување на Прилеп и Битола со Кичево и за транспортирање на руда од рудникот „Демир Хисар“ кај Сопотница денеска е оставена на забот на времето. Официјално затворена за сообраќај и класицифицирана како железничка линија од најниска категорија во мрежата на Македонски железници – Инфраструктура. Нејзината должина изнесува 29 километри, при што трасата на оваа пруга минува низ станиците Демир Хисар и Сопотница, како и стојалиштата во селата Обршани, Воѓани, Бучин, Бигла, Единаковци и Прибилци.
И покрај тоа што никој од државните институции досега не пројавил интерес за нејзино повторно отворање, сепак во подготовка се документи што би можеле да доведат до реконструкција и рестартирање на пругата Бакарно Гумно – Сопотница. Според објавеното соопштение на локалната власт од Демир Хисар, Градежниот факултет од Скопје најдоцна до март годинава треба да ја заврши физибилити студијата за повторно рестартирање на оваа споредна пруга, која се поврзува со Коридорот 10д помеѓу градовите Прилеп и Битола. Со изготвената анализа на неколку фактори, треба да се дојде до оценка за тоа дали е исплатлива реализацијата на реконструктивен зафат што ќе доведе до повторно воведување на железнички сообраќај.
Локалната самоуправа од Демир Хисар смета дека реконструкцијата на оваа железничка делница значително ќе придонесе за економско заживување на општината, но и ќе ги поврзе населените места што влегуваат во рамки на општините Прилеп, Кривогаштани, Крушево и Демир Хисар. Оттаму велат дека со повторното воведување на возот може да се намалат транспортните трошоци на поголемите компании од градот, меѓу кои сачмарницата „Железник“, рудникот „Демир Хисар“ и рудникот за мермер во Бабино. Овој град од западниот дел на Македонија има и најмал број на автобуски линии за поврзување со главниот град, а неговата лоша поврзаност со остатокот на земјата доведува и до заминување на голем број жители од градот.