Претходна статија
Се бара нов изглед за 20-тина објекти во центарот на Скопје
Следна статија
Владата ќе ги субвенционира домаќинствата што ќе постават сончеви колектори

Поништена продажбата на земјиштето во Маџир Маало

Објавено на 23.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Извадок од ДУП-отКомпанијата „Амадеус Стоун“ сепак нема да гради барокен хотел во скопско Маџир Маало. Министерството за транспорт и врски ја поништи продажбата на градежната парцела 3.24, лоцирана помеѓу Народната банка и Железничката станица [»мапа]. Министерот Миле Јанакиески денеска образложи дека причината за ваквата одлука лежи во фактот што дел од земјиштето е во сопственост на физички лица, кое им било вратено со Законот за денационализација уште во 2009 година. Од вкупно продадените 2.855 метри квадратни на „Амадеус Стоун“, дури 320 метри квадратни се наоѓаат во приватна сопственост, со што се оневозможува продажбата на оваа парцела од страна на државата. Јанакиески соопшти дека отуѓувањето на земјиштето е поништено, а уплатените финансиски средства во висина од околу 3.290 евра ќе му бидат вратени на инвеститорот.

 

Целата збрка со поништувањето на продажбата на земјиштето лежи во неусогласеноста на впишаните податоци во катастарскиот план и катастарскиот операт. За направениот пропуст со објаснување денеска се огласија и од Агенцијата за катастар на недвижности. „Референтот кој го работел овој предмет направил превид и го консултирал само катастарскиот план, но не и имотниот лист. Кога го издал податокот навел дека целокупната градежна парцела и сите катастарски парцели од кои е сочинета се во сопственост на Република Македонија иако во имотните листови состојбата не била таква“, изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпевски. Од агенцијата наведуваат дека ќе бидат преземени соодветни санкции против сите инволвирани лица за кои ќе биде констатирана одговорност.

 

Атрактивната градежна парцела беше продадена во текот на минатата недела за минимални 71 денари за метар квадратен. На електронското јавно наддавање учествуваше единствено компанијата „Амадеус Стоун“. На локацијата е предвидена изградба на хотел со приземје, седум ката и поткровје, а во рамките на зданието е предвидено да има и подземен паркинг простор. Со чинот на поништување на продажбата, земјиштето се враќа во сопственост на државата и на физичките лица кои поседуваат имотни листови за спорните 320 метри квадратни.