Премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и вицепремиерот на Турција Емрулах Ишлер поставија камен – темелник на новиот објект на Турскиот театар кој ќе се гради на просторот кај поранешното балетско училиште близу Транспортниот центар – Скопје [»мапа]. Театарската зграда е предвидено да има осум нивоа, од кои пет надземни и три подземни, со две сцени што ќе можат да соберат над 450 вљубеници на театарската уметност. Големата сала ќе располага со гледалиште со капацитет од 329 седишта, додека малата сцена со површина од 180 метри квадратни ќе може да прими 150 посетители. Во зданието ќе функционира и изложбена галерија и културно – информативен центар.
„Во текот на изминатите седум децении овој ансамбл создаде специфичен и креативен театарски израз кој ја промовираше турската театарска традиција во културниот живот во нашата држава. Токму затоа Владата на Република Македонија и Министерството за култура го поддржаа проектот за изградба на новиот современ објект на Турскиот театар“, изјави министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.
Репрезентативниот објект ќе се гради според визијата на архитектот Виктор Михајлов, а основниот проект беше изработен во „Македонија Проект“. Реализацијата ќе се одвива во две фази, при што карабината треба да биде завршена во рок од 14 месеци. Изведувач на градежните работи е компанијата „Бетон“ од Скопје, а висината на издвоените финансиски средства изнесува 245.494.259 денари, односно околу 4 милиони евра. Надзорот ќе го врши „Градежен институт Македонија А.Д.“ Во довршувањето на надворешниот изглед на зградата и во нејзиното опремување е планирано да инвестираат и институции од Турција. Меморандумот за изградба на овој театар беше потпишан помеѓу Македонија и Турција уште во 2005 година.