Почетокот на мај годинава е новиот рок што Градот Скопје го определи за пронаоѓање концесионер за проектирање, изградба, финансирање и стопанисување со идниот трамвај во Скопје. Дотогаш ќе може заинтересираните да аплицираат на новиот тендер, кој од страна на градската управа е распишан на крајот од 2013 година. Позначајни промени во природата и обемот на концесијата нема. И понатаму ќе се бара компанија за проектирање и изградба на лесен шински систем за линијата број 1 во должина од 12,1 километри, набавка на најмалку 22 трамвајски возила и стопанисување со трамвајот за најмногу 35 години од денот на воспоставувањето на јавно – приватното партнерство.
Значајна новина во овој тендер е изборот на унгарската компанија „Виалто“ за консултант во реализацијата на постапката за доделување на договорот. Унгарците ќе го советуваат Градот Скопје во наредните 15 месеци, што го опфаќа целокупниот период додека трае рокот за поднесување понуди и за склучување на договор за концесија со најповолниот понудувач. Проценетата вредност на проектот за изградба на трамвај во Скопје изнесува 243 милиони евра. Крајниот рок за доставување на понудите од компаниите е 8 мај 2014 година. Најзначајните промени во новиот тендер се забележуваат во делот на критериумите за избор на најповолен понудувач, при што сите бодови на концесионерите ќе се делат врз основа на тоа кој ќе понуди поголема сопствена инвестиција во проектот, но и кој ќе побара најмала инвестиција од Градот Скопје како учесник во јавно – приватното партнерство.
Како критериуми што ќе бидат применети за избор на концесионерот се: побаран износ за учество на јавниот партнер во почетната инвестиција (30 бодови), побаран износ за годишна оперативна субвенција за период од 5-та до 9-та година (25 бодови), побаран износ за годишна оперативна субвенција од 10-та година до крајот на договорот (15 бодови), обезбеден сопствен капитал на концесионерот (20 бодови) и периодот на времетраење на договорот (10 бодови). Новиот тендер за изградба на долговетуваниот трамвај следува по неуспешниот обид за избор на норвешкиот конзорциум „Скурдал и Метнит групација“ во текот на јуни минатата година.