Претходна статија
Кичево конечно ќе ја добие болницата што ја чека со децении
Следна статија
Куманово размислува гасификацијата да ја препушти на приватниот сектор

Друштвото за патишта одбележа 45 години од основањето

Објавено на 09.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Градежниот факултет од Скопје денеска беше домаќин на свеченоста одржана по повод одбележувањето на 45 – годишнината од основањето на Друштвото за патишта. Настанот го одбележа пригодниот говор на претседателот на Друштвото, Горан Мановски, додека обраќања одржаа деканот на Градежниот факултет Милорад Јовановски и македонскиот премиер Никола Груевски. Покрај одбележувањето на јубилејот, во рамките на настанот се одржа и меѓународното стручно советување на тема: „Автопатиштата, клуч за понатамошен економски развој на Република Македонија“, на кое поканетите учесници говореа за сите аспекти од изградбата на автопатиштата.

 

Друштвото за патишта е една од најстарите стручни асоцијации во Република Македонија, во која членуваат градежните инженери задолжени за изградба на патната инфраструктура. Асоцијацијата е основана кон крајот на 1967 и почетокот на 1968 година. Прв претседател на друштвото бил дипломираниот градежен инженер Младен Николовски. Во изминатите децении се изградени неколку илјадници километри локални и регионални патишта, но и автопатишта што ја поврзуваат целата земја. Неодминлив придонес во развојот на Друштвото за патишта има и Градежниот факултет од Скопје, високообразовна институција од која произлегоа огромното мнозинство на градежни инженери од Македонија.

 

На присутните гости на настанот им се обрати и премиерот Никола Груевски, кој меѓу останатото говореше за остварените резултати во изградбата на патната инфраструктура во изминатите неколку години, но истовремено даде и ветување за дополнително инвестирање на над 1 милијарда евра за развој на патната мрежа во периодот од 2014 до 2018 година.