Општина Карпош денеска успеа да ја продаде градежната парцела за изградба на приватна болница, што треба да биде лоцирана веднаш до Градската болница „8 Септември“ во населбата Карпош 3. Инвеститорот на идниот објект не е објавен, но се знае дека за атрактивното земјиште ќе треба да плати 3.060 денари за метар квадратен или вкупно 34.293.420 денари. Покрај за здравствени дејности, маркичката за планираната градба дозволува компатибилни класи на намена за хотелски комплекс, мали комерцијални и деловни дејности и за спорт и рекреација. Приватната болница ќе се состои од приземје и пет ката и нејзината висина до венец ќе изнесува 21 метри.
Според законската постапка, најповолниот понудувач најпрво треба да ја уплати постигнатата сума на денешното електронско јавно наддавање, по што ќе се потпише и договорот за купопродажба со општина Карпош. По солемнизацијата на договорот, ќе започне да тече рокот од 12 месеци за обезбедувањето на градежна дозвола. Како гаранција за завршување на работите во период од шест години, инвеститорот треба да приложи банкарска гаранција во висина од 30.000 евра за навремено и квалитетно завршување на работите. По завршувањето на овие фази, предвидено е објектот да почне да се гради. Огласот за продажба на оваа градежна парцела беше објавен на почетокот од декември минатата година.
Дополнување:
(08.01.2014)
Општина Карпош го соопшти новиот сопственик на парцелата од 11.207 метри квадратни во кругот на Градската болница „8 Септември“ во Скопје. Земјиштето го добило Друштвото за трговија и услуги за медицинска опрема „Систина фармација“, а на наддавањето учествувале и една приватна фирма и „Европската очна болница“.