Претходна статија
Во Неготино се нудат парцели за фабрики и објекти за домување
Следна статија
Изгледот на новата Народна банка донација од архитекти

Регионалните депонии во Македонија остануваат на хартија

Објавено на 23.12.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Додека во европските земји одамна се врши одделување на отпадот и негова преработка за добивање на енергија или во други цели, Македонија е една од ретките земји во кои проектите за селекција и преработка на цврстиот отпад функционираат само на хартија во канцелариите на локалните општински бирократи. Последната негативна вест доаѓа од Куманово, во која се вели дека регионалната депонија и фабриката за горење на сметот во североисточна Македонија ќе се гради дури по 2017 година. Ветувана со години наназад, во неколку наврати со започната постапка, санитарната депонија што треба да ги опслужува општините Куманово, Крива Паланка, Старо Нагоричане, Кратово, Ранковце и Липково ќе отпочне да се гради за четири години.

 

 

 

Советот на градоначалници од североисточниот регион одлучил проектот да се реализира со финансиски средства од ИПА фондовите на Европската унија, за што до септември 2014 година се должни да изработат план за управување со отпадот. Локацијата за депонијата не е одредена, но планирано е да биде во близина на селото Доброшане. Предвидено е депонијата да биде во јавна сопственост. Куманово влезе во проектот на ЕУ за изградба на пет регионални санитарни депонии во земјава уште во 2006 година. Проектите до денешен ден не се реализирани во ниту една од планираните општини.

 

На ниво на Македонија, единствено Градот Скопје и општина Прилеп работат на реализација на комплекс во кој нема само да се депонира, туку и ќе се преработува отпадот. Локалните власти од Прилеп веќе ја добија неопходната опрема за селекција на отпадот, а допрва треба да го изградат погонот во кој ќе се реализира овој процес. Во рамките на прилепската депонија Алинци треба да се гради фабрика за преработка на комунален отпад, постапка за која веќе е потпишан договор за нејзина реализација. Современ третман на отпадот треба да добијат и скопјани, по неодамнешното повторно потврдување на договорот за концесија на депонијата „Дрисла“, потпишан меѓу Градот Скопје и италијанскиот конзорциум „ФЦЛ Амбиенте“ и „Униеко“.

 

И додека целосно не се реализираат овие проекти, Македонија ќе биде на дното меѓу европските земји во кои комуналниот отпад воопшто или многу ретко се селектира, а и во случаите кога селекцијата се врши, не постои современа опрема и погони за негова преработка. На тој начин, наместо зачувување на животната средина и производство на енергија, домашниот отпад завршува во природата, со мал исклучок кај некои суровини што завршуваат во индустријата или на странските пазари.