Претходна статија
„Купи куќа, купи стан“ продолжува и во 2014
Следна статија
Се продолжува рокот за апликација за откуп на дворното место

Близу хидроелектраната „Козјак“ ќе никне викенд населба

Објавено на 21.12.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Дури 119 градежни парцели се понудени на продажба на денешниот оглас за отуѓување на државно неизградено земјиште од општина Македонски Брод. На компаниите и на граѓаните им се нудат локации за изградба на мотел, голем угостителски објект, фотоволтаични електрани, мали комерцијални и деловни објекти и спортски објекти, а најголем дел од парцелите се наменети за подигање на викендички. Во селото Близанско, лоцирано покрај езерото Козјак, се огласени на продажба 111 места со површина од 93 до 445 метри квадратни за оваа намена. Во околината на хидроелектраната „Козјак“ некои граѓани веќе имаат изградено дивоградби, а со овој оглас на заинтересираните субјекти им се овозможува да инвестираат во легално изградени објекти.

 

 

 

Почетната цена на земјиштето предвидено за изградба на викендички изнесува 61 денари за метар квадратен, при што компаниите и граѓаните треба да ги достават своите пријави за учество на лицитацијата најдоцна до 10 јануари 2014 година. Поради големиот број огласени локации, електронското јавно наддавање ќе се одржи на 15, 16 и 17 јануари. Покрај викендички, на инвеститорите им се нуди и земјиште со големина од 1.478 метри квадратни за изградба на објект за спорт и рекреација, парцела со површина од 2.469 метри квадратни за изградба на мотел, како и по една локација од 814  и 698 метри квадратни за подигање на угостителски објект и објект за мали комерцијални и деловни дејности. Нивната почетна цена се движи од 61 до 350 денари за метар квадратен.

 

Општина Македонски Брод нуди и четири градежни парцели со вкупна површина од 66.874 метри квадратни на кои е предвидено да се инсталираат фотоволтаици. На приватните компании ова земјиште наменето за вложување во соларни електрани им се нуди по цена од 150 денари за метар квадратен. Освен за викендичките, за сите останати локации треба да се достават пријави за учество на електронската лицитација најдоцна до 20 јануари, додека јавното наддавање на огласеното земјиште ќе се одржи на 23 јануари наредната година.