Министерството за транспорт и врски деновиве објави оглас за продажба на градежно земјиште за изградба на два значајни објекти за граѓаните – затворен базен и пензионерски дом што ќе бидат лоцирани на територијата на општина Аеродром. На домашните и странските инвеститори им се нуди парцела со површина од 23.252 метри квадратни за изградба на затворен пливачки базен со бруто развиена површина од 23.300 метри квадратни. Парцелата е лоцирана покрај Кејот на реката Вардар, веднаш до локацијата предвидена за изградба на забавен парк. Токму ова земјиште веќе еднаш беше отуѓено во март 2011 година, при што како негов сопственик се јави македонската компанија „Манд интернационал“. И покрај најавите за реализација на голем проект, инвеститорот што тогаш ја купи парцелата не успеа истата да ја оствари.
Почетната цена изнесува 2.564 денари за метар квадратен, а заинтересираните субјекти треба да ги достават пријавите најдоцна до 20 јануари 2014 година. Заедно со пријавата, тие треба да обезбедат и банкарска гаранција во износ од 10.000 евра за сериозност на понудата. Електронското јавно наддавање ќе се одржи на 24 јануари. Најповолниот понудувач е должен пред склучувањето на договорот за купопродажба на земјиштето да достави и банкарска гаранција во износ од 10.000 евра за навремено и квалитетно завршување на работите. Зацртано е објектот да биде со висина од 16 метри, а во негови рамки се предвидени и пропратни содржини за посетителите.
Приватниот сектор ќе може да учествува на електронска лицитација и за уште една парцела огласена за продажба во општина Аеродром. На инвеститорите им се нуди локација за изградба на пензионерски дом во непосредна близина на булеварот Видео Смилевски Бато. Земјиштето е со големина од 1.475 метри квадратни, а на него може да се подигне објект со висина од 10,2 метри, односно приземје и два ката. Почетната цена е 61 денар за метар квадратен. Инвеститорите што сакаат да учествуваат на наддавањето треба најдоцна до 9 јануари да достават пријава за учество и банкарска гаранција во износ од 20.000 евра за сериозност на понудата. Електронската лицитација за земјиштето ќе се одржи на 15 јануари.