Магацински простор за високо – регално складирање на козметички производи и медицински помагала е најновата инвестиција што ја реализираше фармацевтската компанија „Алкалоид“ од Скопје. Новиот современ објект со површина од 1.600 метри квадратни и висина од 13 метри е лоциран во скопската населба Ѓорче Петров. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 1,2 милиони евра, финансиски средства обезбеди од сопствени извори на компанијата и од WeBSEFF кредитната линија на Европската банка за обнова и развој, наменета за енергетско ефикасни проекти во кои се користат обновливите извори на енергија.
Во зданието е инсталирана топлинска пумпа која обезбедува енергија за климатизација на просторот преку употреба на подземните води како ресурс, инсталирани се штедливи светилки и ЕКО фасадни панели за термичка изолација. Објектот располага со 3.114 палетни места за високо – регално складирање на козметички производи и медицински помагала, како и целокупна опрема за манипулирање со готовите производи. Магацинскиот простор е изведен во согласност со најновите стандарди за ваков тип објекти, во однос на сеизмичките карактеристики и противпожарната заштита.