Најстарата градежна компанија во Македонија, фабрика Карпош АД Скопје, прославува 65 години постоење. По трансформацијата од мала работилница со скромен производен потенцијал, денес е водечка компанија за производство и монтажа на префабрикувани елементи од бетон. Фабрика Карпош важи за водечки производител на бетонски и армиранобетонски префабрикувани елементи за градежната индустрија, како што се бетонски столбови за далеководи, префабрикувани елементи за високоградба, бетонски прагови за железница како и изработка на бетонски и армиранобетонски елементи по порачка, како и комплетна испорака и монтажа на истите.
Исто така фабрика Карпош е производител на елементи за урбана опрема за партерно уредување, тротоари, паркинзи, монтажни конструктивни елементи за изведба на различни видови објекти. Дополнително дејноста ја проширува на проектирање и производство на монтажни конструктивни елементи за изградба на крупно панелни згради, семејни куќи, индустриски објекти, армиранобетонски мостови, трафостаници, армирано бетонски цевки и други производи од бетон. Фабриката во последниот период со набавка на градежна опрема и механизација ја прошири својата дејност во делот на изградба на објекти од нискоградбата, а пред се во делот на припремата и асфалтирањето на улици и патишта.
Фабриката Карпош во последните 5 години континуирано го проширува својот асортиман на производи од бетон и од армиран бетон за градежништвото, постепено подобрувајќи ги производите благодарение на своите стручни кадри, усвојувањето на нови современи технологии на производство и соработката со Градежниот факултет и со Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. Фабрика Карпош денес брои повеќе од 200 вработени.