Министерството за транспорт и врски денеска го објави огласот за отуѓување на 31 градежна парцела во општините Кавадарци, Неготино и Росоман. На локациите е предвидено да се градат винарски визби, а учество на електронското јавно наддавање можат да земат сите домашни и странски инвеститори. Максималната висина на објектите е утврдена на приземје и два ката, односно 12 метри. Во општина Кавадарци се продаваат три парцели со површина од 2.247, 2.282 и 2.445 метри квадратни. Најголем дел од градежното земјиште што се нуди на продажба е лоцирано во Неготино. Во оваа општина се нудат 17 парцели за винарии со површина од 1.520 до 7.020 метри квадратни. Во Росоман се на продажба 11 локации за истата намена. Нивната површина се движи од 1.571 до 2.644 метри квадратни. Почетната цена за еден метар квадратен за сите парцели изнесува 61 денар. Заинтересираните субјекти треба да ги достават пријавите за учество на електронското јавно наддавање најдоцна до 16 јануари 2014 година.