Ј.П. Паркиралишта од Струмица планира да воведе зонско паркирање во градот од почетокот на наредната година. Основната причина за ваквиот потег е решавање на проблемот со сообраќајниот хаос на струмичките улици. Со зонското паркирање ќе биде опфатено централното градско подрачје, а локалните власти во моментов размислуваат околу моделот по кој ќе се наплаќа услугата од страна на граѓаните и на компаниите. Сообраќајниот проект за зонското паркирање веќе е готов. За граѓаните кои живеат во околните згради од центарот на градот и немаат сопствен паркинг простор се изготвени посебни понуди за користење на паркинг – услугите.
Досега во Струмица функционираше само еден паркинг со наплата во централното подрачје. Со остварување на идејата, овој град влегува меѓу македонските општини што се решија да го воведат зонското паркирање. На крајот на ноември ваков проект почна да се применува во Битола, годинава и општина Охрид под свои ингеренции го зеде платеното паркирање, а локалните власти од Струга, Тетово и Гостивар во неколку изјави за медиумите најавија дека планираат да воведат зонско паркирање и во нивните средини.