Претходна статија
Се нудат на продажба уште 14 парцели за куќи во населбата „Јака“
Следна статија
Од 2014 година постапките за урбанистичките планови ќе течат по електронски пат

Ништо од идејата за воведување воз од Скопје до Солун!

Објавено на 06.12.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

И покрај заложбата на Грчките железници за повторно воведување на експресните возови помеѓу Скопје и Солун, во новиот возен ред на Македонски железници не е предвидено сообраќање на овие возови. Ваквиот податок доаѓа само неколку дена по најавата за формирање на Европска железничка унија од страна на Бугарија, Грција, Романија, Чешка, Словачка, Австрија и Унгарија, која ќе биде организатор на новите возови наречени РФЦ7. Овие возови ќе сообраќаат на линиите Атина – Солун – Софија – Видин, Будимпешта – Букурешт – Констанца и Прага – Виена/Братислава. Македонија не партиципира во овој проект, а останува отворено прашањето и зошто не е прифатена подадената рака на државната железничка компанија на нашиот јужен сосед за повторно сообраќање на возовите помеѓу Скопје и Солун.

 

 

 

Во меѓувреме, МЖ – Инфраструктура го објави новиот возен ред за периодот од 15 декември 2013 до 13 декември 2014 година. Промените во движењето на возовите се речиси минимални, а единствена позитивна најава е враќањето на директните вагони во летниот период кон Бургас и кон Будимпешта. Вагоните за бугарскиот приморски град ќе сообраќаат секој петок во периодот од 26 јуни до 5 септември 2014 година, додека на релацијата Скопје – Будимпешта ќе има директни вагони секоја среда и недела во периодот од 18 јуни до 27 август.

 

Во домашниот железнички сообраќај нема никакви промени. На релацијата Скопје – Велес се предвидени 11 пара возови дневно, помеѓу Скопје и Табановце ќе сообраќаат по 7 возови дневно, додека главниот град со Битола ќе биде поврзан со 4 воза во текот на едно деноноќие. На релацијата Скопје – Гевгелија се зацртани 3 пара возови дневно, додека помеѓу македонската метропола и Кичево ќе сообраќаат по 2 воза во текот на еден ден. Кон Кочани и понатаму ќе сообраќа само 1 пар возови, исто како и на меѓународната врска помеѓу Скопје и Приштина. Како и досега, на линијата од Скопје до Белград се предвидени по 2 експресни возови дневно.