Три паркинг зони со 1.951 место за паркирање, за два часа паркирање во центарот на Битола помеѓу 7 и 17 часот се наплаќа 30 денари, додека од 17 до 22 часот 20 денари. Зонското паркирање од денеска започна да функционира во овој македонски град. Во првите шест месеци по воведувањето на системот ќе се наплаќа само во централната прва зона, а потоа истиот ќе профункционира и во останатите делови на Битола. Проектот се спроведува преку јавно – приватно партнерство помеѓу приватната компанија „Стентон Градба“ и локалната самоуправа, со потпишан договор за негова реализација и за основање на новото претпријатие „Градски паркинзи“.
Плаќањето на услугата се врши преку праќање СМС – пораки, купување карти и грепки во наплатни куќарки на паркиралиштата. Жителите што живеат во центарот на градот ќе треба да купат месечни карти за паркирање што чинат 200 денари. На компаниите и на граѓаните им се нудат месечни и годишни карти за паркирање. Месечно паркирање за едно возило за правните субјекти чини 6.000 денари, додека за индивидуите цената на оваа карта изнесува 3.000 денари. Годишна резервација на паркинг – место чини 5.000 денари. Во насока на реализација на проектот, Техничкиот факултет од Битола во 2011 година изработи посебен сообраќаен проект. Како концесионер што управува со паркирањето, приватната компанија „Стентон Градба“ ќе треба да и исплаќа по 1.734.410 денари (28 илјади евра) на локалната власт во наредните шест години.