Претходна статија
Општина Петровец нуди 11 локации за изградба на фабрики
Следна статија
Стартуваше зонското паркирање во Битола

Продадени двете парцели до американската амбасада во Скопје

Објавено на 27.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за транспорт и врски денеска успеа да го отуѓи градежното земјиште на Скопското кале, во близина на амбасадата на Соединетите американски држави. Првата парцела со големина од 3.023 метри квадратни е продадена по цена од 2.240 денари за метар квадратен, додека втората, со површина од 1.261 метри квадратни на лицитацијата достигна цена од 1.540 денари за метар квадратен. Вкупната сума што по оваа основа ќе треба да и се исплати на државата изнесува 8.713.460 денари или околу 140 илјади евра. Во наредниот период на овие места е предвидено да се изградат објекти од областа на културата.

 

#Засега не се соопштуваат имињата на купувачите на атрактивното земјиште, но во изминатиов период во јавноста излезе заинтересирана страна што би сакала да ги добие овие локации. Исламската Верска Заедница (ИВЗ) пред еден месец изнесе став дека на Скопското кале сака да гради повеќенаменски репрезентативен објект, кој ќе биде резиденција на поглаварот на ИВЗ, седиште на Ријасетот и простор за културни содржини, вклучувајќи и библиотека. Освен ИВЗ, досега ниту еден друг субјект не излезе јавно да соопшти дека има интерес за вложување во изградба на зданија од областа на културата на оваа локација. Официјалниот купувач ќе стане сопственик на градежното земјиште по уплатата на финансиските средства, преку потпишување на договор помеѓу надлежното министество и најповолниот понудувач на електронското јавно наддавање.